Денот на вљубените

Вреден подарок само за Денот на вљубените или секојдневна љубов спрема вас?

Дали би сакале вашиот партнер да ви подари вреден подарок само за Денот на вљубените или би сакале секојдневно да ја покажува љубовта спрема вас?

Денот на вљубените

Би сакала да верувам дека е второто.

Секако дека не е потребно да го чекате само Денот на вљубените за да му покажете на партнерот колку ви значи.

Јас сум личност која секој ден го прави посебен. Повеќе верувам во секојдневната љубов, секојдневното дарување, взаемната помош, убавите зборови упатени заеднички еден спрема друг, почит, внимание, многу нежност.

Докази за љубовта и без „Денот на вљубените“

Каков подарок може да го надомести чувството и насмевката на лицето кога ќе го видите својот партнер, кој со нетрпение очекувате да го гушнете и бакнете. Кога зениците му се жироко отворени и ве гледа само вас, како да сте единствени на светот?
Да ви ги чита мислите и да бидете синхронизирани во се што правите?
Да ве праша како ви поминал денот. Имате ли потреба од помош. Сам да се понуди, без да побарате помош од него. Да направи нешто за вас и ве воодушеви, да останете без зборови. Да ве измасира после уморен или тежок ден, едноставно, да ве разбере.

Подароците се симбол на љубов

Бидејќи живееме во материјален свет, сакаме да биде опипливо, бараме докази за љубовта. Но, љубовта неможете да ја докажете, ниту допрете, можете само да ја доживеете.
Секојдневно да доживувате како станувате подобри личности, затоа што вашиот партнер постои во вашиот живот.

Подароците се тука само како симбол на љубов, дар на љубов. Да почувствувате физички дека некому му значите. Но, не се мерило на љубов.
Љубовта не можете да ја мерите. Можете само да ја дадете.
Колку повеќе давате, толку повеќе примате љубов.
Знаци на љубов има насекаде околу нас. Само треба да ги следите.

Додадете вредност на вашите подароците

Ако некој ви значи, затоа што е присутен во вашиот живот, подарувајте ги подароците со значење. Дадете им вредност, без разлика колку тие изгледаат едноставно. Нека партнерот го почувствува тоа. Навистина нека биде чин на љубов. Чин на дарување со вредност.

Дадете значење на се што правите со вашиот партнер, верувајте ќе биде воодушевен и ќе знае да го препознае тоа.
Нема поубаво чувство од тоа да сакате со чисто срце, со вредност, со заљубеност.
Направете го секој ден посебен.
Со многу љубов,
Емма