И ова ќе помине

Тага- Мудра приказна

Тага. Еднаш одамна си живееше еден цар кој бил многу благороден, но многу се расфрлал со неговото богатство. Славел многу, со денови и со ноќи. Правел секакви гозби, забави и веселби. Целото село славело со него.

Но, кога завршувале забавите, секогаш бил многу тажен и сите селани биле тажни со него заедно. Колку славеле претходните денови, толку биле тажни останатите денови.
Ова се случувало со недели…

Еден ден, во голема тага, го викнал мудрецот да му помогне.
Му кажал – “Ова вака веќе неможе. Колку сум среќен, задоволен, радосен, толку многу сум и тажен. Смисли решение, на кој начин да се освестам. Морам да знам што правам. Сакам среќно и задоволно да продолжам понатаму низ животот”. Земи време колку ти треба и дојди со решение!

Мудриот човек заминал.

Мислел и мислел со денови. Но, на крајот, му текнало.
Веднаш отишол кај царот, му подарил прстен и му кажал:


– “Царе, стави го овој прстен на раката и никогаш не го вади. Кога во животот најповеќе си среќен, само погледни во прстенот и прочитај што пишува. Кога во животот најповеќе си тажен, само погледни во прстенот и прочитај што пишува”. Тоа е решението за тебе!

Царот се согласил и го ставил прстенот на раката, но некако се натажил,
бидејќи мислел дека не го добил решението кое го барал.

Бидејќи бил тажен, го погледнал прстенот и на него пишувало:
“И ова ќе помине!”